Средба Филков- Пандов за надминување на проблемите и недостатоците во затворите

Проблемите со просторните услови, недостатокот на вработени, финансиски средства, возилата за спровод на обвинети лица и потребата од дигитализација на институциите биле во фокусот на денешната работна средба на министерот за правда, Игор Филков, со директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов и директорите на затворите во земјава.

Како што информираат од Министерството за правда, на средбата бил разгледан и Извештајот на Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа за 2023 година, со цел да се земат предвид нивните забелешки за надминување на недостатоците кои се констатирани.

– На средбата беше договорено да се интензивираат ваквите состаноци со цел да се изнајдат решенија за брзо надминување на одредени проблеми, користејќи меѓународна помош, но и јакнење на буџетот на УИС заради непречено функционирање на затворските институции како и користење на пробацијата и другите алатки за условен отпуст на затворениците, соопштуваат од Министерството за правда.

Дополнуваат дека министерот Филков, ја искажал заложбата и посветеноста на Владата за надминување на сите проблеми и подигнување на капацитетите на затворските институции со цел подобрување на условите водејќи грижа за правата на затворениците и нивна ресоцијализација.