Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Анкара оствари средба со претседателот на Владата на Република Турција, Ахмет Давутоглу.
Соговорниците ги поздравија одличните политички односи помеѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво, и изразија задоволство од постојаниот и нагорен тренд на развој на истите кој се карактеризира и со редовни средби на највисоко ниво.
Двајцата премиери акцентираа дека помеѓу двете земји постои цврста соработка која се одвива во духот на пријателството, меѓусебното почитување и разбирање.
„Република Турција е наш долгогодишен пријател и стратешки партнер, а оваа средба претставува уште еден показател за одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, кои се одликуваат со висок степен на пријателство и разбирање, интензивна соработка на сите нивоа, отворен дијалог и волја за натамошна реализација на проекти од заеднички интерес на сите полиња“, изјави премиерот Груевски.
Соговорниците констатираа дека е направен голем напредок во економската соработка, и ја изразија својата цврста определба за дополнителен ангажман за унапредување на истата, на трговската размена и соработката на полето на инвестициите.
Премиерот Груевски ги истакна и поволностите што ги нуди нашата земја за сите потенцијални турски инвеститори за отворање и водење бизнис во Република Македонија, истакна позитивна оценка за турските фирми кои што веќе инвестирале во нашата земја, и ги охрабри останатите фирми да започнат со анализи кои би воделе кон финална одлука да инвестираат во Македонија.
Македонскиот и турскиот премиер се согласија дека европската и евроатланската интеграција на Југоисточна Европа е заедничка визија на двете земји и на двете влади како најдобар гарант за стабилноста на регионот, за меѓусебната соработка на земјите и за обезбедување на услови за што поголем економски раст и развој.
-Република Македонија особено го цени фактот што Република Турција, од осамостојувањето до денес, останува конзистентна во почитувањето на националните и државни интереси на Република Македонија во билатералната и мултилатералната комуникација и што безрезервно ја поддржува нашата земја во европските и евроатланските аспирации, кои остануваат наша примарна цел, истакна премиерот Груевски.
Премиерот на Република Турција, Ахмет Давутоглу истакна дека ова за него лично е важна посета бидејќи таа е прва официјална посета на премиер од друга држава откако беше именуван за премиер за Република Турција.
„Со Македонија имаме добри и пријателски односи. Имаме и историски врски. Тие добри конекции се одразуваат и врз економијата и политиката”, изјави Давутоглу. Тој посочи дека политичките односи се на добро ниво. Досега сме немале проблеми ниту пак значајни отворени прашања. На меѓународен план се поддржуваме и Турција лобира за Македонија, изјави Давутоглу.
-Република Македонија целосно ја подржуваме во нејзините евроатлански интеграции и стоиме на располагање да помогнеме на тој план, изјави премиерот Даутоглу, кој додаде дека лично како политичар ја користи секоја прилика да и помогне на државата. Република Турција во Македонија гледа традиционален пријател, истакна на крајот премиерот на Република Турција, Ахмет Давутоглу.
Соговорниците разменија мислења и на останати теми од заеднички и од регионален интерес, се вели во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавност.