Средба Мицкоски-Липавски: ВМРО-ДПМНЕ го црпи суверенитетот само од народот и затоа се потребни предвремени избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, членовите на ИК Антонио Милошоски и Марија Митева, како и меѓународниот секретар Стефан Андоновски, денеска остварија средба со висока делегација на Чешката Република предводена од Јан Липавски, министер за надворешни работи, на која присуствуваше и амбасадорот на Чешката Република во Македонија, Јарослав Лудва.

На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во Македонија, како и прашањето за пристапување на Македонија кон Европската Унија, за кое што уште еднаш недвосмислено ги истакнавме нашите ставови и позиции за непромена на Уставот под бугарски диктат.

Од страна на Мицкоски беше исто така потенцирано дека единствениот виновник за ситуацијата во која се наоѓа Македонија во моментов е владата на СДС, која ги прифати сите штетни договори и ја остави државата во чекалната на ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ даде уверување дека како партија, но и идна влада суверенитетот го црпиме исклучиво од народот и затоа се потребни предвремени избори на кои граѓаните ќе ни ја дадат довербата за која ќе работиме чесно и посветено, за да ја видиме Македонија напредна и просперитетна, вистински на патот кон ЕУ, информираат од партијата.