Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски од средата престојува во прва работна посета на Австрија, во чии рамки оствари средба со сојузниот министер за европски и надворешни работи, Александер Шаленберг.
Во фокусот на разговорите беа одличните билатерални односи и високото ниво на политичка и економска соработка. На средбата, министрите ја поздравија развиената секторска соработка со заемни заложби за отворање нови поглавја за унапредување на релациите во полињата кои се од интерес на двете страни. Во тој контекст, Муцунски иницираше засилување на културната соработка, што ќе придонесе за промоција и подигнување на видливоста на Македонија.
Посебен фокус беше ставен на економската соработка, со акцент на странските инвестиции. Во таа насока министерот Муцунски ги спомена растечките заложби на новата влада, за создавање позитивна бизнис клима и креирање услови за привлекување нови странски инвестиции.
„Австрија е наш најголем инвеститор, долгогодишен и докажан партнер во полето на економијата. Посветени сме на понатамошно поттикнување и привлекување нови австриски инвестиции, каде веќе бележиме континуиран позитивен тренд. Продлабочувањето на економските и трговски врски дополнително ќе ја зајакнат одличната соработка и на политички план”, истакна Муцунски.
Воедно, министерот го реафримира нашиот стремеж за искористување на добрите трговски практики на австриската Федерална економска комора за промоција на трговија, со активирање на канцеларијата во Скопје, која би послужила како катализатор на севкупната билатерална трговска размена, а исто така ќе поттикне инвестицискиот бран и ќе го подобри усогласувањето и постигнувањето на инвестициските цели како и промовирање на одржливи, долгорочни придобивки за двете земји.
Министерот Шаленберг изрази задоволство од одличните билатерални односи, истакнувајќи дека Северна Македонија има широко отворени врати за економска и културна соработка. Дополнително изрази силна поддршка за земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси.
Соговорниците ја потенцирана и клучната улога на Австрија во регионот на Западниот Балкан и нејзината континуирана поддршка на процесот на интеграција на нашата земја во Европската унија, како билатерално, така и преку регионалните инструменти како што е групата “Пријатели на Западен Балкан“, трилатералната иницијатива на Славков формaт, Централната европска група Ц-5, а во чии рамки Австрија е водечка земја.
„Високо ја цениме силната австриска поддршка за евроинтегративниот процес на нашата земја и регионот како целина. Владата веќе посветено работи на реформските процеси кои несомнено ќе резултираат со напредок на овој пат. Нашето членство во Европската унија нема алтернатива и оттука потребен ни е проактивен пристап во делот на евроинтеграцијата, што ќе ја направи земјава фактор за стабилност во регионот“, порача Муцунски.