Нешто помалку од два и пол часа траеше средбата на шефот на грчката дипломатија со одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија Јоргос Кумуцакос во рамките на активностите на Никос Коѕијас да ги извести партиите за преговорите за името.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, средбата што се одржа во грчкото МНР, беше затворена за медиумите, а Кумуцакос по завршувањето само кусо коментираше дека опширно разговарале. Меѓутоа не постојат информации за деталите и што точно си кажале Коѕијас и Кумуцакос.
„Имавме опширен разговор за кој ќе го известам претседателот на партијата, кусо рече одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија“, излегувајќи од грчкото МНР.
Со средбата со Кумуцакос, заврши циклусот брифирање на грчките партии од министерот за надворешни работи.
Никос Коѕијас во понеделникот се сретна со генералниот секретар на Комунистичката партија, Димитрис Куцубас и со лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, во вторникот со првиот човек на Сојуз на централисти, Василис Левендис и со претседателката на Движење за промена, Фофи Генимата.
Откако претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис побара да биде избрифиран од премиерот, а не од министерот, со Никос Коѕијас се сретна одговорниот за надворешна политика во партијата.