Средба на Ѓорѓиевски и Стојкоски за подобри општини и град

Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски оствари уште една од низата средби и разговори за поубави општини и град Скопје. Денес тој беше во посета на Ѓорче Петров, каде со својот колега, градоначалникот Александар Стојкоски, продискутираа за постигнатото во овие две години кое во огромна мера го смени ликот на оваа општина и покрај опструкциите од страна на Градот Скопје. Заеднички бараа и решенија за проблемите со кои се соочуваат жителите на Ѓорче Петров.

Ѓорѓиевски потенцираше дека новата централна власт предводена од Премиерот Христијан Мицкоски ќе биде вистински партнер во унапредувањето на единиците на локалната самоуправа. Истакна дека градските проблеми ќе ги решаваат заедно, бидејќи Скопје и скопјани заслужуваат метропола која ќе се носи рамо до рамо со европските, велат од општината.

„Денеска ја посетив општина Ѓорче Петров каде што заедно со првиот човек и мој драг пријател Александар Стојкоски разговаравме за досегашната успешна работа во изминатите две години, но и за проблемите со кои се соочуваат жителите на Скопје. На самиот почеток, морам да му честитам на Александар и неговиот прекрасен тим за големите промени кои ги направија во општината за поквалитетен живот на сите кои живеат во неа. И покрај опструкциите од страна на градот Скопје, градоначалникот успеа да постигне многу висок степен на реализација на проекти споредбено со претходниците, што се гледа и од терен“, истакна градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Со ваков тим предводен од Александар, општина Ѓорче Петров ја чека уште поубава иднина, додава Ѓорѓиевски.

„Како претседател на ЗЕЛС поразговаравме и за она што треба дополнително да се реализира, а е во планот за наредниот период за да дојдеме до заеднички решенија. Ова е уште една од средбите кои ги започнав сѐ со цел да се изнајдат решенија за жителите на градот Скопје. Ќе ги посетиме општините, ќе ги детектираме проблемите и заеднички ќе ги решиме. Со новата централна власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски доаѓа ново време и оној игнорантски однос од изминатите години заминува во минатото„, потенцираше Ѓорѓиевски.

„Сега, градот Скопје и општините ќе имаат вистински партнер во унапредувањето на единиците на локалната самоуправа. Градските проблеми ќе ги решаваме заедно, бидејќи Скопје и скопјани заслужуваат метропола која ќе се носи рамо до рамо со европските. Скопје заслужува да биде повторно горд град“, изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.