![bujar osmani 2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/03/bujar-osmani-2-1.jpg?resize=696%2C437&ssl=1)
На маргини на состанокот на Коалицијата за борба против ултрарадикалната џихадистичка мрежа Исламскла дражава во Маракеш, во средата македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи на Франција, Жан Ив Ле Дриан.
Во фокусот на разговорите биле активностите и плановите на француското претседателство со Советот на Еверопската унија во однос на интеграцијата на државите од западен Балкан и неопходноста од забрзување на европскиот пат на нашата држава.
Министерот Османи нагласил дека „надворешно-политичките и безбедносните ризици во новата геополитичка реалност го наметнуваат ефектуирањето на одлуката“ за почетокот на пристапни преговори со Македонија, „доколку Европската унија сака да го задржи својот кредибилитет, пред сѐ во регионот и да го демонстрира своето геостратешко лидерство“.
„Северна Македонија ги исполни сите услови за старт на преговорите и дополнително, постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и 40-процентно усвојување на законодавството на ЕУ, и сега е критичниот момент и Европската унија да испорача преку усвојување на преговарачката рамка“, истакнал министерот Османи, соопштија од министерството за надворешни работи.
Соговорниците размениле мислења и за „актуелната ситуација во Украина и справувањето со безбедносните предизвици во регионот, како последица на руската агресија врз Украина“.