Средба на претседателката Сиљановска Давкова со специјалниот претставник на Германија за западен Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими специјалниот претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, соопштија од кабинетот на претседателката.

На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу двете земји, за процесот на македонските евроинтеграции, како и за актуелните состојби во регионот на Западен Балкан низ призма на европските перспективи. Претседателката Сиљановска Давкова го поздрави интензивниот политички дијалог со Германија, како една од нашите најблиски сојузници и партнери и изрази целосна подготвеност за натамошна успешна соработка во сите области од взаемен интерес. Претседателката се заблагодари за принципиелната и гласна поддршка на германските власти на македонските евроинтеграции, за Резолуцијата на германскиот Бундестаг и нивниот севкупен ангажман преку Берлинскиот процес и изрази очекување за натамошна поддршка, потенцирајќи дека проширувањето на Унијата е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион, истакнаа од претседателскиот кабинет.

Таа ја посочи свесноста за обврските кои произлегуваат од меѓународните договори и истакна дека придаваме големо значење на одржувањето на добрососедските односи, но истовремено ги потенцираше очекувањата на граѓаните дека евроинтегративниот процес ќе биде евалуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми, додаваат од таму.