Средба на Стопанската комора со владините економски претставници

Претставници на Владата и на Стопанската комора денеска ќе одржат работна средба за предлог-решенијата околу состојбите со енегетската криза.

Делегациите кои ќе ги предводат министерот за економија Крешник Бектеши и заменик претседателот на Комората и претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) Кочо Анѓушев, ќе ја разгледаат најновата ситуација со движењето на цените на струјата на HUPEX берзата кои достигнуваат и до 500 евра за мегават час деновиве, а кои бараат итна и одлучна реакција на носителите на економската политика, соопшти Стопанската комора.

На средбата ќе бидат дискутирани барањата и предлозите на МЕА кои во форма на Иницијатива нудат излезните решенија од енергетската криза, конкретно наменети за компаниите, односно за стопанството.

МЕА на Седницата одржана овој месец ги донесе следните заклучоци:

1. Да се зголеми домашното производство на електрична енергија користејќи ги сите можни ресурси.

2. Владата да ја врати Уредбата активна во кризната состојба со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата.

3. МЕА бара измени во Законот за градба, со цел легализирање на индустриски капацитети/објекти само со Г намена (за незагадувачка индустрија), кои се изградени согласно веќе донесените урбанистички планови и имаат основни проекти, но немаат дозвола за градба од повеќе објективни причини.

4. Владата да обезбеди гаранции дека во текот на претстојниот зимски период соседните земји нема да ги затворат границите за проток на електрична енергија.

5. Регулаторна комисија за енергетика да припреми правилник за организирање дистрибутивни мрежи.

По средбата, предвидено е Бектеши, Анѓушев и претседателот на РКЕ Марко Беслимовски да дадат изјави за медиумите во 12:00 часот, наведуваат од Стопанската комора.