Создадени се услови за унапредување и развој на соработката на полето на економијата меѓу двете земји, констатираше македонскиот премиер Зоран Заев кој во неделата вечерта се сретна со израелска бизнис делегација, којашто ја предводи поранешниот висок функционер во израелската влада, Силван Шалом.
Тема на разговорот, како што информира секторот за односи со јавноста при Владата, беше можноста за инвестиции во Македонија. Изразен е интерес од страна на израелските бизнисмени за инвестирање во Македонија. Констатирано е, исто така, дека се создадени услови за унапредување и развој на соработката на полето на економијата, по демократските промени што се случија во Македонија.
„Владата на Република Македонија води политики на отворени можности за граѓаните и за Македонија. Преку реформскиот процес за којшто се определивме, ја градиме Македонија во стабилна, правна држава, во којашто законите ќе важат подеднакво за сите и ќе ја штитат правдата, без разлика дали станува збор за граѓани или правни субјекти, компании, претпријатија кои работат во земјава. Нашата цел е да ја осигураме егзистенцијата на граѓаните, но исто така да обезбедиме клима на сигурност кај сегашните и потенцијалните домашни и странски инвеститори, коишто можат значително да придонесат во потребниот економски развој на нашата држава“, рекол Заев.
Израелската бизнис делегација престојува во Македонија со цел да ги разгледа условите за инвестирање во земјава, како и областите кои има потреба и простор за тоа. Со бизнисмените од Израел е поранешниот вицепремиер на Израел и поранешен министер за внатрешни работи, Силван Шалом.