Средба Николоски-Лосон: Велика Британија е долгогодишен партнер на Македонија

Заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон.

На средбата се разговараше за актуелните состојби меѓу двете земји, притоа акцент се стави на економската соработка и инвестициите, вклучувајќи ги и односите на сојузништвото во НАТО алијансата.

Исто така на средбата министерот Николоски информираше и за капиталните проекти што се реализираат во инфраструктурата.

„Македонија и Велика Британија од секогаш негувале добри билатерални односи. Имајќи предвид дека Велика Британија е еден од поголемите инвеститори во Македонија, особено се значајни економските релации. Го информирав Амбасадорот дека ни претстои силна инвестициска активност во делот на инфраструктурата, но разговаравме и за целокупните состојби во државата како и за соработката меѓу двете земји” истакна министерот Николоски.

Министерот изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.