Британскиот премиер Дејвид Камерон се среќава денеска во Берлин со германскиот канцелар Ангела Меркел, околу реформите на ЕУ кои ги бара Велика Британија, за да остане членка на Унијата, пренесува МИА.
Камерон се наоѓа на мини турнеја низ Европа, во обид да ги увери европските партнери во потребата од реформирање на ЕУ и во подршка на промените кои ги заговара Лондон, пред да се одржи референдумот во Велика Британија, за останување или заминување од Унијата, предвиден до крајот на 2017 година.
Британскиот премиер, претходно, денеска се сретна со полскиот премиер Ева Копач, во текот на вчерашниот ден, со холандскиот премиер Марк Руте и со францускиот претседател Франсоа Оланд.
Камерон и Британија, се уште не ги откриваат деталите за тоа што бараат од Брисел и од другите членки на ЕУ, но во британските барања, централно место имаат барањата за ограничување на имигрантите од земјите на Унијата, како и блокирање на пристапот на странците кон британските социјални бенифиции.
Официјален Лондон настојува да обезбеди гаранции и за статусот на финансискиот центар Сити, дека тој нема да биде погоден со планираното натамошно интегрирање на еврозоната и претпоставените интеграциони процсеси во рамките на целата Унија.
Средбата со Ангела Меркел за Британците е најважна, затоа пто Германија е најсилата економија во ЕУ и во Европа.Германскиот канцелар, претходно, изјавуваше дека Берлин се залага за „цврста и успешна„ Унија, а на неколкупати порачуваше дека не прифаќа менување на основите правика на кои се темели ЕУ, како што е слободното движење на луѓето низ целата територија на Унијата.
Меркел при една од последните средби со Камерон има речено дека Берлин е подготвен да ги слушне британските барања и дека за некои од нив може да се разговара.
Висок претставник на влијателната германска Комора на бизнисот и индустријата, меѓутоа, изјави за ББЦ дека тие и советувале на германската влада и на Меркел да не преговара за она што го бара Британија, како и дека ако таму толку многу се инсистира на референдум за ЕУ, нека го организираат и нека гласаат.
Покрај средбите вчера и денеска, британскиот премиер ќе ги посети и ќе се сретне лидерите на сите други земји членки на ЕУ.Дејвид Камерон настојува да ја заврши обиколката низ Европа пред јунскиот Самит на Унијата.