Средба Попоски – Коѕијас: Договорени 11 мерки за практична соработка

Средба Попоски – Коѕијас: Договорени 11 мерки за практична соработка

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас оствари еднодневна работна посета на Република Македонија на покана на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски.

Министрите Попоски и Коѕијас договорија заеднички активен пристап за градење на клима на зајакната доверба меѓу двете држави преку интензивирање на севкупната билатерална соработка и водење активен дијалог за отворените прашања, со крајна цел заеднички придонес за надминување на разликите во духот на европските вредности и заедничките интереси. Ваквиот пристап е содржан и во одредбите на Времената спогодба од 1995, чиј потенцијал треба активно да се искористи.

Договорена беше листа од 11 конкретни мерки за практична соработка во области од заемен интерес, која во иднина може да биде дополнувана.

А. Политички и ЕУ работи

  1. Политички консултации меѓу Министерствата за надворешни работи по меѓународни, мултилатерални, регионални, хоризонтални, безбедносни и конзуларни прашања, како и за иницијативи за регионална соработка /План за годишни консултации.
  2. Билатерален дијалог за ЕУ работи и зајакнување на билатералната соработка во рамките на ИПА2 програмите, имајќи ги предвид приоритетните области, како што е утврдено во Стратегискиот документ и годишните програми. Соработка во прекуграничните програми, твининг и таекс.
  3. Соработка на Националниот Центар за Јавна Администрација во Атина со Агенцијата за Администрација во Скопје.

B.Образование и култура

  1. Соработка помеѓу Универзитетите, Истражувачки центри и Институти.
  2. Размена на универзитетски стипендии.
  3. Поттикнувачки мерки за културна соработка и размена.

C. Трговија и економска соработка

  1. Зацврстување на економските, трговските и стопанските врски – Бизнис Форуми.

D. Поврзаност

  1. Подобрување на енергетската поврзаност/гасоводна линија.
  2. Подобрување на железничката врска Битола-Лерин.

Е. Правда и внатрешни работи

  1. 10.Консултации меѓу претставници на надлежните министерства за внатрешни работи, гранична полиција и царинска администрација со цел размена на информации и зајакнување на борбата против организираниот криминал, корупцијата, тероризмот, нелегалната миграција и нарко-трафикот.

Разнo

  1. Соработка во здравството.

– Денес заедно направивме нов чекор – со заемен активен пристап за поттикнување на практичната соработка да ја зајакнеме меѓусебната доверба. Очекувам ваквата пракса на дијалог на високо политичко ниво да продолжи и во иднина, за што постои заедничка волја и подготвеност. Довербата меѓу двете земји никогаш не била на доволно високо ниво. Но, денес направивме чекор за јакнење на оваа најслаба алка меѓу двете земји со цел најсилната алка, бизнисот и соработката, уште повеќе да се интензивираат. Денешната средба е доказ дека ќе ја подобриме взаемната соработка и ќе создадеме клима за приближување на ставовите во решавањето на спорот околу името. Двете земји, надвор од овој спор имаат голем заеднички интерес, како од билатерален, така и од меѓународен аспект. Првиот чекор мора да се направи, потенцираше министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски.