Средба Тошковски – Лосон: Одлична соработка на професионално ниво и поддршка во борбата со корупцијата и организираниот криминал

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство, Н.Е. Метју Лосон.

На средбата министерот Тошковски ја изрази својата благодарност за одличната соработка и континуираната поддршка од Обединетото кралство како на нашата држава така на министерството во областа на безбедноста, особено за последната донација на дронови кои ќе се користат од страна на граничната полиција во обезбедување на нашите граници.

Министерот Тошковски ги објасни приоритетите на новата Влада и посветеноста во борбата со организираниот криминал и корупција, планот за реорганизација на управните служби во успешен услужен систем на своите граѓани, планот за унапредување на вкупната ефикасност на полицијата преку нова систематизација, креирање на систем на континуирани обуки и дигитализација на голем број процеси во министерството.

„Полициската соработка е на високо професионално ниво, што подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија, односно редовно постапување по барања упатени од двете држави за различни видови на проверки во сите форми на организиран криминал, тероризам, трговија со луѓе, кривични дела поврзани со илегална миграција, трговија со дрога и оружје и наша тенденција е само да ја унапредуваме“, потенцираше министерот Тошковски.

Амбасадорот Метју Лосон упати честитки до министерот и за посветеноста на новата Влада во целост, особено во борбата со организираниот криминал и корупција и потенцираше дека Обединетото Кралство останува да биде еден од најголемите партнери на нашата држава како на оперативно така и на стратешко ниво. Од негова страна беше истакната и илегалната миграција како значаен проблем со кој се справуваат и двете земји и потенцираше дека и во справувањето можеме да сметаме на поддршката на Обединетото Кралство во иднина.