
Според засега сѐ уште неофицијалните информации, претходно најавената за петок средба меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе се одржи во 15 часот во резиденцијалниот објект „Вила Водно“
„Очекуваме дека уставобранителите конечно ќе добијат можност да ја докажат својата невиност“, рече претседателот на Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од средбата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.
Нелоски, исто така, потенцираше дека време е премиерот Зоран Заев „да ги тргне рацете“ од обвинителството и судството за да може уставобранителите да добијат вистинска правда.
„Очекување е да се излезе со заеднички став околу вистинската правда за уставобранителите, и очекуваме да Зоран Заев конечно ги тргне рацете од судството и обвинителството и овие луѓе кои се невини обвинети и за дело кое не го сториле конечно да добијат можност да се бранат и да ја докажат својата невиност“, рече Нелоски.