Среде епидемија на голема кашлица за малку ќе останевме без реагенси

При проверката заклучивме дека се исклучени директно од бушони, има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел и отворени се разводните табли. Тоа е претпоставка, ние оставаме тоа да се испита, дали е случајно, дали е намерно, оставаме да се испита, изјави в.д. директорка на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска на денешната прес-конференција.

Андоновска истакна дека очекува институциите да ги проверат нивните сомнежи за саботажа, откако вчера на Институтот од струја исклучени биле еден фрижидер и една комора. Таа рече дека за инцидентот дознала непосредно по истекот на работното време, додека сè уште била на Институтот.

– Бев известена од страна на дел од вработените дека не функционираат дел од фрижидерите коишто се наоѓаат на еден од катовите на Одделот на микробиологија, поточно на Бактериологија. Се работи за еден фрижидер и една комора во посебна соба. Колку што сум известена, во овие фрижидери, т.е. во оваа комора се чуваат доста значајни реагенси кои би детектирале низа заболувања. Ние при самото наше доаѓање констатиравме дека се исклучени директно од бушони, има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел и отворени се раводните табли. Тоа е претпоставка, ние оставаме тоа да се испита, дали е случајно, дали е намерно, оставаме да се испита – рече Андоновска.

На новинарско прашање дали бројот на вработени кои имаат пристап до овие комори е ограничен или имаат пристап сите, Андоновска кажа дека ИЈЗ немал работни процедури.

– Мене на колегиум ми беше кажано дека нема работни процедури. Дадов насока тие работни процeдури да бидат завршени, доставени, да почнеме да ги практикуваме. Од она што јас го видов во моментот, дел од оваа комора е во посебна просторија каде што има клуч, кога побарав кој го има клучoт, ми кажаа дека тие имаат само еден клуч, а дали има уште клучеви и кој ги има не можат да ми дадат одговор. Тој еден клуч го има еден од вработените на тој оддел – одговори Андоновска.

Како што истакна таа, симптоматично е што од разводните табли со стотина осигурувачи, спуштени се само оние поврзани со фрижидерот.

– Овие две разводни табли, каде што практично беше исклучен осигурувачот, се разводни табли каде што има стотина осигурувачи, беа спуштени само оние поврзани со фрижидерот. Дали е случајно или намерно, не знам, јас само ја информирам јавноста. Ние случајот уште вчера го пријавивме до државните институции и јас искрено верувам дека тие ќе си ја завршат својата работа и ќе констатираат дали е ова диверзија или случајност – кажа директорката.

Андоновска најави дека во текот на денот ќе има официјален, стручен извештај кој треба да покаже колку и какви реагенси имало, дали има нивно оштетување или е реагирано брзо.

– Едно само ќе ви споменам, таму беа и реагенсите за голема кашлица, во моментов имаме епидемија на голема кашлица и замислете, доколку не реагиравме брзо, ќе немавме ниту еден реагенс денеска – посочи директорката.

Денеска и Јавното обвинителство соопшти дека итно е оформен предмет по допрен глас, по објавените информации за исклучени комори со реагенси на Институтот.