![faktor](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/05/faktor.jpg?resize=660%2C330&ssl=1)
Средношколците ќе го искористат денешниот последен ден за пријавување на полагање на државната матура, бидејќи како што велат претставниците на пленумот свесни се за далекусежните реперкусии доколку не го сторат тоа, тие посочуваат дека нивен приоритет во моментот е продолжувањето на школувањто.
Но, како што најавуваат од така наречениот средношколски пленум во наредните денови протестите ќе се радикализираат и ќе продолжат да ја бојкотираат наставата пред зградата на МОН, затоа што не биле задоволни од епилогот на досегашните средбите и разговорите со Владините претставниците.
Од Министерството за образование и наука велат дека досегашните активности од страна на пленумот јасно говорат дека истите се исполитизирани.
Тие апелираат и до сите останати општествени чинители, кои во средношколците гледаат инструмент за остварување на лични агенди, наместо манипулација, злоупотреба и поддршка на бојкотот, да придонесат кон заложбите за градењето на поквалитетен образовен систем на сите нивоа, што впрочем и треба да биде наша заедничка и единствена цел.
Министерството за образование и наука, по неколкуте средби со претставници на т.н. Средношколски пленум, пред два дена донесе конечна одлука – државната матура да се полага по стариот концепт на полагање, тестовите се полагаат само писмено, а математиката ќе биде, како што рекоа, алтернативна за сите. Во Министерството веќе апелираа до сите ученици што ја бојкотираат наставата да не наседнуваат на какви било манипулации и да се вратат во училишните клупи за да продолжат со извршување на нивните училишни обврски. Неоправданото отсуство од настава е сериозен ризик, кој ги доведува во прашање воспитно-образовниот процес, предупредуваат надлежните.
Вицепремиерот Владимир Пешевски гостуваше во дневникот на Сител, ги повика средношколците да се вратат на настава за да го фатат рокот за полагање, а испрати и апел до родителите дека тие најмногу влијаат на нивните деца. Сепак, посочи Пешевски, кај дел од родителите и професорите има политичка агенда.
-Гласот на родителот е многу важен, тие најмногу влијаат на нивните деца како ќе се однесуваат. Но, мора да бидеме свесни дека и кај еден дел од родителите и кај дел од професорите во суштина има и политичка агенда позади нив. Не е во ред кога во целата таа битка се втурнуваат децата. Оние кои имаат за цел да остварат политички поени, ги постигнаа. Да завршиме со тој процес! Посебно апелирам до професорите, не би сакал да се доведеме во ситуација дека Владата и МОН се конфронтира со професорите. Точно е дека постоеа определени слабости во екстерното тестирање и тие се обидуваме да ги надминеме. Но, ние во Владата и во сите државни институции и професорите сме дел од државниот апарат. Тие носат голема одговорност кон децата и го цениме нивниот напор, ги цениме и обидите да се подобри целиот процес, рече Пешевски.
Државниот испитен центар вчера достави допис до сите средни училишта во Македонија, за детално информирање за структурата, динамиката на активностите и процедурите за непречена реализација на државната матура, која и во оваа учебна 2014/2015 година ќе се имплементира во согласност со досегашната Концепција за државна матура и завршен испит, односно полагањето на тестовите ќе се врши единствено во писмена форма и предметот математика ќе биде изборен за сите ученици – стои во соопштението.
Мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 јуни, странски јазик на 15 јуни, математика на 17 јуни, а четвртиот предмет, кој е изборен, ќе се полага на 19 јуни.
Сите полагања почнуваат во 10 часот. Прелиминарните резултати ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит.
Фотографија: Фактор