Средношколците по средбата со Владата: Учениците прво ќе излезат на протести, а ако не се слушнат нивните барања ќе останат „офлајн“

Владата се сретна со средношколците откако најавија дека ќе ја бојкотираат наставата во новата учебна година

Претставници на средношколците и Владата денеска одржаа средба откако Сојузот на средношколци се закани дека ќе излезе на протести или ќе ја бојкотира наставата во новата учебна година.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата претставниците на Сојузот на средношколците биле детално запознаени со одлуката на Владата за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на КОВИД-19, која, како што велат, е донесена врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.

Моделот за комбинирано организирање на наставата онлајн со алатки за интернет комуникација и со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение во основното образование и со одредени други исклучоци каде што тоа е безбедно од здравствен аспект, беше истакнато на средбата, е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците. Премиерот Спасовски, вицепремиерката Царовска и министрите за образование и за здравство Адеми и Филипче ја прифатија сугестијата на претставниците на Сојузот на средношколците за нивна поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците. Исто така министерот за здравство Филипче ги покани средношколците да присуствуваат на состанок на Комисија за заразни болести на кој детално ќе се запознаат со состојбата со КОВИД-19, но и за мерките за заштита од заразата кои се во интерес на заштитата на јавното здравје, се вели во соопштението од Владата.

Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, пак, по средбата изјави дека иако владата бара да тие да го шират вирусот, тој веќе е проширен насекаде од митинзите кои се организираа во предизборието.

-Ние нема да го ризикуваме здравјето на средношколците зашто тоа за нас е најголем приоритет. Ние прво да протестираме за да ги кажеме нашите барања, а потоа ќе продолжиме со бојкот и ќе бидеме „Offline“ од онлајн наставата додека Владата не ја замени одлуката што ја донесе пред неколку дена, рече Ходаи, додавајќи дека на средбата било заклучено во иднина одлуките да се носат инклузивно.