
Ученик во средното училиште во сојузната држава Мериленд во САД загинал во престрелка со училишниот чувар, откако претходно застрелал повеќе ученици, јавуваат тамошните медиуми. Инцидентот се случил утринава во градот Грејт Милс пред почетокот на наставата во истоименото училиште, а според локалниот шериф, напаѓачот е ученик од училиштето, Остин Вајат Ролинс.
Тој по престрелката бил префрлен во болница, каде што им подлегнал на повредите.
Потврдено е дека има двајца повредени, 16-годишно девојче и 14-годишно момче кои се во критична состојба. Неофицијално, напаѓачот порано бил во врска со ранетата девојка, но засега тоа не се поврзува со евентуалниот мотив за нападот.
Во училиштето, кое е одалечено 90 километри од Вашингтон учат 1.600 ученици.
Според CNN, од почетокот на годината во САД се случиле 16 вооружени инциденти во училиштата. Последниот, и најсмртоносниот се случи во средината на февруари, во средно училиште во Паркленд, Флорида кога поранешниот ученик Николас де Хесус Круз уби 17 лица. Тој беше уапсен по нападот.
Според медиумите, Круз учествувал во училишна програма, која опфаќала обука за стекнување вештини во пукање. Тој бил член на Воена програма за тренинг на млади резервни офицери, спонзорирана од Одделот за одбрана на САД. Во неа учествуваат 314.000 средношколци, наречени кадети. Одделот за одбрана на САД ја опишува програмата, како можност за развој на лидерските вештини на средношколците. Три од жртвите во Паркленд биле членови на оваа програма.