Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Белград е спремен да го прифати концептот на европскиот предлог за Косово ја подели српската јавност, па едни бараат да не биде соло играч и пред парламентот да ја објасни суштината на тој предлог, додека други бараат веднаш да го потпише.
Вучиќ вчера, по средбата со претставниците на САД и ЕУ, кажа дека Србија е спремна да го прифати концептот на европскиот план и да работи на примена на предложениот договор за дијалогот за нормализација на односите со Косово, што го потврди и претставникот на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак.
Словачкиот дипломат оцени дека Вучиќ во разговорот „покажал одговорен пристап“ и „спремност да носи тешки одлуки во интерес на мирот и европската перспектива на Србија“.
Изјавата на Вучиќ, меѓутоа, не ѝ е по волја на опозицијата од конзервативно-десниот спектар на политичката сцена во Србија која го обвинува дека без согласност во државниот парламент не смеел да се согласи со предлогот и бара во српското собрание да објасни со кои опасности и предизвици може да се соочи државата.
Движењето Двери смета дека најпроблематично во овој момент е што никој не знае дали предлогот на Западот е „де факти и ултиматум“, а ако е – зошто Вучиќ воопшто се согласил да разговара за тоа и се согласил да го спроведе. Двери бараат дијалогот со Косово да се замрзне до завршувањето на руско-украинската војна и велат дека до тогаш „ништо не треба да се потпишува“.
Конзервативно-ројалистичката коалиција НАДА од Вучиќ бара граѓаните итно да ги запознае со содржината на француско-германскиот предлог, кој стана и предлог на ЕУ, бидејќи „за судбината на државата не може да се преговара тајно и без српскиот народ“.
Од српскиот претседател бараат одговор врз основа на кои овластувања и одлуки на надлежните органи тој ја презел обврската и ја истакна спремноста на Србија да го прифати концептот и да работи на примена на тој договор.
Народната партија оцени денес дека „Вучиќ ја подготвува јавноста за капитулација со прифаќањето на концептот и примената на договорот за Косово“, кој, според неа, подразбира Србија да се согласи на еднаквост во меѓународниот простор со самопрогласеното Косово.
Истовремено Лигата на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ) побара Вучиќ што побрзо да го прифати договорот за меѓусебните односи на Србија и Косово како што го предложиле францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Вучиќ мора да престане да си игра со иднината на Србија и нејзините граѓани со нерешителната политика и мора да ја спаси Србија од нови санкции, економско пропаѓање и уништување“, порача ЛСВ.
Вучиќ вчера на новинарите им кажа дека е загрижен и резервиран околу едно важно прашање, но не прецизираше за што станува збор, истакнувајќи дека за тоа не може да зборува бидејќи предлогот не е јавен.
Радио слободна Европа објави, повикувајќи се на планот на ЕУ во кој имале увид, дека документот има еднаков пристап до двете страни и предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и специјален аранжман за српската заедница на Косово.
Во документот, според РСЕ, не се спомнува експлицитно признавање или членство на Косово во Обединетите нации, на што инсистира Приштина.
Меѓутоа, во документот се спомнува поддршката која двете страни би си ја пружиле една на друга во процесот на евроинтеграциите, додека од Белград се бара да не го попречува членството на Приштина во меѓународните организации.