![bel](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/12/bel.jpg?resize=640%2C420&ssl=1)
Лидерот на опозицискиот Сојуз за Србија (СЗС), Драган Ѓилас за сабота најави нов протест на опозицијата во Белград под мотото „Ајде да се преброиме“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, на завршната Конвенција на СЗС во Лучани, Ѓилас изјави дека во сабота повторно ќе „шетаат илјадници луѓе“, додавајќи дека 90 дена од создавањето, неговиот сојуз организирал протест со „15 до 20.000 луѓе“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ може да каже што сака, дека биле две-три илјади, ние кои бевме таму и ја знаеме математиката за второ одделение, лесно можеме да пресметаме колку луѓе беа на протестите пред три дена, изјави Ѓилас.
Демократската партија на Србија денеска порача дека и таа ќе се приклучи на протестите на опозицијата најавени за во сабота.
Претседателот на Демократската партија, Зоран Лутовац на Конвенцијата го критикуваше известувањето на РТС од протестот „Стоп на крвавите кошули”, што се одржа во саботата во Белград, посочувајќи дека телевизијата не сакала да им го прикаже на луѓето „она што се случувало под нивните прозорци“.
Во Белград, на режимските медиуми не нарекоа „грст луѓе”, а јас им порачувам – тој грст брзо може да се претвори во тупаница од бес, порача Лутовац.
Инаку, во Србија во тек е полемика меѓу јавните личности и новинарските здруженија за непрофесионалното известувањето од саботните протести во Белград, особено за извештаите на „ТВ Студио Б“.
Денешното „Студио Б“ е имитација на „ТВ Бастиља” на Слободан Милошевиќ, со брутално лажење, етикетирање на неподобните, претворање на новинарските извештаи во лични коментари, новинари како политички комесари, претворање на телевизијата во гласило на партијата, оцени познатиот новинар Зоран Кесиќ, кој порано работеше во оваа телевизија.
Новинарката на „Студио Б“, Барабара Животиќ известувајќи од протестите во Белград, информираше дека „се собрале далеку помал број на луѓе од очекуваното“ и „секако дека имало некој инцидент“, како и да е „тоа се очекувало на ваков протест, каде организаторите повикуваат на линч, силување, насилство, државен удар…“, окаректеризирајќи го протестот како лицемерен поради состојбата со Косово.
Поради жестоката реакција од критики и закани на социјалните мрежи кон новинарката на „Студио Б“, Обвинителството за високо-технолошкиот криминал покрена постапка, а Здружението на новинарите на Србија повика да се почитува Кодексот на новинарите и да се направи јасна разлика помеѓу факт и коментар.
Весникот „Данас“ објави дека од оваа телевизија се отпуштени десет вработени, а деновиве ќе се отпуштат уште 20 лица како „неподобни“.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ во реакцијата на саботните протести во Белград изјави дека „да се соберат и пет милони луѓе, нема да исполни ниту едно нивно барање“, притоа најостро осудувајќи ги нападите врз новинарката на „Студио Б“.