На административниот премин Мердаре на КФОР му е предадено барањето на српската влада за враќање на 100 до 1.000 српски безбедносни сили според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на територијата на Косово.
Веста ја потврди и српската влада.
Владата на Србија синоќа донесе одлука, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, на Кфор да му упати барање за враќање на српските безбедносни сили на територијата на Косово.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа синоќа дека одлуката е донесена едногласно, истакнувајќи дека тоа би довело до намалување на тензиите. Сепак, истакна дека Кфор најверојатно нема да го прифати српското барање.
Во меѓувреме ситуацијата на Косово не се смирува, бидејќи приштинските власти продолжуваат со апсење на Србите. Во Косовска Митровица синоќа е уапсен Слаѓан Трајковиќ, еден од припадниците на косовската полиција кои ја напуштија службата. Сопругата на уапсениот кажа дека наводно го обвинуваат за воени злосторства.
Етничките Срби се на барикадите веќе седми ден.
Останува прашањето што после ваквото барање. Петар Милетиќ од Српската Наредна Странка во Македонија во разговор за „Локално“ вели дека не очекува да биде одобрена одлуката за да се врати српската војска и полиција на Косово, која под Резолуција 1244 е загарантирано право дека треба да ги има.
Доколку се врати српската полиција и војска, може само да придонесе за стабилноста и мирот затоа што српското населние ќе се чувствува многу посигурно и нема да биде како досега малтретирано и провоцирано. Невини луѓе се апсени без никакво образложение. Не верувам дека би дозволиле да се врати бидејќи гледаме дека е еднострана политиката, потенцира Милетиќ.
Тој ја поздравува посетата на специјалниот претставник на САД, Габриел Ескобар.
-Посетата на Ескобар е добредојдена во периодот. Оваа порака е наменета и за високата корупција во околните држави што се случува, особено во Македонија и Косово. Мислам ќе бидат санкционирано. Приштина ќе биде прекорена во однос на тоа дека не го почитува Вашингтонскиот договор и тоа е директно газење на договорите со САД и нивните интереси. За разлика, Србија ги има испочитувано сите договори. Европските држави сакаат да го водат процесот, но со оглед на случувањата само ескалираат. Се нуди Србија да влезе во ЕУ, а да го признае Косово. Тоа е исто ко да ви каже некој „ќе ви дадеме милион евра, откажете се од вашето сопствено дете“, истакнува Милетиќ кој воедно е и дел од Советот на Град Скопје.
Според него, во моментов Србија е мостот меѓу Западот и Истокот.
-Во Вучиќ имаат партнер со долгогодишно искуство и кој се покажа како балкански лидер кој може во дадена ситуација да им помогне на сите пријателски држави. Треба да сметаат западот и САД дека Вучиќ не е семоќен бидејќи има дадено заклетва на српскиот Устав и мора да го брани суверенитето на Србија. Мислам дека се свесни дека во дадена ситуација Србија мора да реагира за да го заштити своето население. Црвената линија не знаеме до каде е, дециден е соговорникот.
Потезите на косовскиот премиер Албин Курти, членот на Српската народна странка ги оценува како „туркање кон конфликт“.
-Апсолутно потезите на Курти не се во координација со САД. Тоа покажуваат и изјавите на американските амбасадори во Косово и Србија. Се гледа дека други струи го туркаат Курти во лошо сценарио за цел Балкан. Не знаеме кој е интересот за да го воведе Балканот во криза и судири. По сите постапки, се гледа дека сака да испровоцира конфликт, порачува Милетиќ.