Иван Андриќ, поранешниот функционер на Либерално-демократската партија во Србија, на Твитер го сподели своето искуство за единаесетдневниот престој во ковид-болницата во Белградската арена.
Неговиот заклучок е дециден – моето заминување во Арена беше одлична одлука!
Откако ги добил првите симптоми (температура, која му била симната), од лекарот на Инфективната клиника добил препорака да оди во ковид-центарот Белградска арена, а ако не сака, да потпише изјава дека на своја одговорност останува дома без медицински надзор.
Во текот на првите пет-шест дена немал промени (немал температура, сатурацијата му била 97-98-99, немал други симптоми). И додека очекува да биде пуштен дома, втората рентгенска снимка покаѓува почетна пневмонија. Добива дополнителна терапија, која траела до вчера.
– Воспалението се повлече, добро сум и еве ме сега дома. Да не бев таму, не знам што ќе се случеше, но пневмонија веројатно ќе се развиваше и ќе се вратев како многу потежок пациент, со веројатно многу полоши последици – вели Андриќ.
Според неговото лично искуство, да се биде под медицински надзор е најдобрата можна одлука што може да ја донесе заболен од ковид-19, бидејќи станува збор за подмолна болест.
Андриќ раскажува и за своите впечатоци од Белградска арена. Лекарите и сестрите буквално се херои, вели тој, интервенираат во кризни ситуации, какви што има постојано.
– Ако нешто не е во ред, тие ве посетуваат почесто и ја менуваат терапијата во движење. Тие ве следат и тоа прави да се чувствувате побезбедно – раскажува Андриќ.
Пациентите се од сите возрасти и се претежно постари, во потешка клиничка ситуација, вели тој и додава:
– Она што е одлично е што постои солидарност меѓу луѓето. Мојот впечаток е дека секој помагаше на кого требаше. Од носење храна, вода, повикување медицински сестри, лекари и слично. Секако, на почетокот, сите се исплашени кога ќе дојдат, затоа што не знаат што да очекуваат, но медицинските сестри, лекарите и другите пациенти им помагаат да се подобрат.
(Фотографија од Твитер профилот на Иван Андриќ)