Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ доби условна казна за навреда на хрватската полиција

Во Општинскиот суд за прекршоци во Сплит, српскиот актер Сергеј Трифуновиќ во средата е осуден на условна казна затвор од два месеца, со период од една година, поради навреда на хрватската полиција, а мора да плати и 250 евра за трошоците за постапка.

Оваа пресуда стана правосилна со оглед на тоа што Сергеј Трифуновиќ се откажа од жалбата. За време на судската постапка, во судницата беа сопругата на Трифуновиќ и српскиот конзул Стефан Ристиќ. По денешното завршено судење, вратен му е пасошот. Пред судот го пречекал полицаец со кој отишле во полициска станица да проверат дали во моментов тој е легално во Хрватска.

Трифуновиќ заврши на суд откако во понеделникот вечерта беше уапсен на граничниот премин Бајаково и донесен во Сплит. Тој бил сослушан во полициска станица, бидејќи на социјалните мрежи ја навредувал хрватската полиција.

Во септември минатата година полицијата го уапсила откако со своето куче се капел на плажа која не е наменета за домашни миленици. Граѓаните го пријавиле, на што реагирала полицијата. Откако бил пријавен за прекршок, тој на својот профил на социјална мрежа ја омаловажувал и навредувал полицаски службеници.

Освен што ја обвини полицијата за рекет и тврди дека носат „црни униформи по моделот на Франтиќ“ (алузија на усташтво), меѓу другото напиша: „Сега влашки брбушки, слободно распишете уште една потерница“.

Портпаролката на Општинскиот суд за прекршоци, судијката Марина Иванчевиќ, по судењето за медиумите изјави дека Трифуновиќ е прогласен за виновен за два прекршока од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Станува збор за омаловажување и навреда на службено лице и истакнување симболи на јавно место кои го нарушуваат јавниот ред и мир, поточно преку објави на социјалните мрежи. Тој е осуден на 60 дена затвор, на која нема да оди доколку во рок од една година не го повтори делото.

„Ги плати трошоците, пресудата е правосилна затоа што се откажа од правото на жалба. Постапката е завршена“, кусо изјави портпаролката Иванчевиќ.