Српскиот институт „Торлак“ стратешки партнер на Македонија за набавка на вакцини против ковид-19

Министрите за здравство на С Македонија и Србија Венко Филипче и Златибор Лончар денеска во Белград договориле Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“ од Белград да биде наш стратешки партнер за набавка на вакцини против ковид-19.

„Многу е веројатно дека оваа пандемија нема туку така да застане. Многу е веројатно дека оваа вакцина ќе стане и сезонска и имајќи го сега сето ова искуство и проблемите што ги имавме со набавката на вакцините досега, на ваков начин да ги надминеме таквите проблеми“, рече Филипче на заедничката прес-конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали тоа што денеска е договорено стратешко партнерство со „Торлак“ за набавка на вакцини, значи дека веќе нема да се набавуваат вакцини од други призводители, Филипче рече дека тоа значи оти „Торлак“ за нас ќе биде првото место каде ќе се обраќаме за вакцини во иднина, но сето тоа во зависност од капацитетот на производство.

„Ние во овој момент имаме доволно вакцини од повеќе производители, кои се доволни за потребите да се вакцинира одреден процент на населението за оваа година за колективен имунитет. За секој следен чекор или набавка прво место каде ќе се обратиме согласно капацитетите, ќе биде Институтот ‘Торлак’“, рече Филипче.

Филипче уште еднаш за заблагодари на Србија и на властите кои ширум ја отворија вратата да бидат вакцинирани и наши граѓани заедно со српските граѓани таму и со тоа направи голем чин на пријателство посебно во временскиот период кога никаде во светот вакцините не стигнуваат ниту со потребна, ниту со посакуваната брзина.