Српскиот министер за внтрешни работи Александар Вулин попладнево престојуваа во Старо Нагоричане за на лице место да ја види состојбата.
Српскиот министер Вулин истакна дека од денеска на просторот на Македонија се наоѓаат четири хеликоптери на МВР на Србија, од кои три се противпожарни, односно можат да гасат пожар, а четвртиот е за извидување и наведување, а доколку ситуацијата се влоши, додаде тој, спремни сме да интервенираме и со наши луѓе и со техника каде што ќе биде потребно.
– Само неколку дена по Самитот во Скопје, каде нашите лидери ја изразија потребата на сите народи на Балканот да бидеме поблиску едни кон други и низ сите форми на соработка навистина да создадеме Отворен Балкан, денеска се покажува колку е тоа важно и колку е потребно, рече Вулин, додавајќи дека српскиот претседател Вучиќ по разговорот со премиерот Заев веднаш издаде наредба за помош на граѓаните на Македонија, независно што и кај нив е актуелен проблемот со пожарите.
Тој потсети дека зад опожарените ридови се наоѓаат ридови кои и припаѓаат на Србија, па изгаснатите пожари тука ќе значат превенција од проширување на пожарите на територијата на Србија.
– Сите ние сме едно на овие простори и мораме да бидеме блиску, што поблиску едни кон други. Би сакал да изразам полна солидарност кон граѓаните на Македонија во име на Владата на Република Србија и Министерството за внатрешни работи и да порачам дека нашата помош е тука, таа секогаш ќе биде брза, сигурна и на нас секогаш ќе можете да се потпрете, нагласи Вулин