Српскиот министер Вулин во Москва на средба со Лавров

Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин порача во петокот во Москва дека „Србија која ја води Александар Вучиќ не ги заборава вековното братство“, како и дека е единствената земја во Европа којашто „не стана дел од антируската хистерија“, а руската страна истакнала дека и натаму му дава поддршка на Белград во врска со поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија која во 2008 година со поддршка на САД и нивните западни сојузници еднострано прогласи независност.

Вулин во руската престолнина се сретнал со шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, како и со повеќе високи руски функционери. Посетата на српскиот министер се случува во време на војната во Украина и зајакнатите напори на Западот дипломатски да ја изолираа Русија во што нема голем успех, но и напорите на Европската унија и САД да ги приближат Белград и Приштина во дијалогот за „сеопфатна нормализација на односите“, при што српската страна се жали на притисоци и закани со протерување на преостанатото српско населени од поранешната покраина.

Србија во Обединетите нации поддржа три резолуции со кои се „осудува инвазијата на Русија врз Украина“, но не се приклучи на антирсуските западни санкции против Москва, истакнувајќи го традиционалните врски меѓу двете земји и народи, како и поради тешката економска состојба во која би се нашла доколку би се откажала од руските енергенси кои ги добива по повластени цени.

Во соопштението на српското Министерство за внатрешни работи, се наведува оцената на Вулин дека Лавров е „искрен пријател на Србија и на српскиот народ“, со изрази на благодарност кон Русија поради доследното почитување на суверенитетот и интегритетот на Србија и непризнавањето на Косово.

Лавров, според соопштението, порачал дека Русија ќе ја продолжи поддршката на Србија во зачувувањето на нејзината територијална целост во однос на Косово, чијашто независност Москва не ја признава.

Руското министерство за надворешни работи дека се разговарало „за прашањето од билатералната и регионалната соработка“, како и дека е констатирана „заемна насоченост на натамошно унапредување на руско-српско стратешко партнерство и блиската координација на напорите на јакнење на стабилноста и безбедноста на Балканот“.

Вулин истакнал дека „Србија никогаш нема да ја заборави помош од Русија и рускиот претседател Владимир Путин, кој на повикот на претседателот Вучиќ во 2015 година го спречи носењето на британската резолуција во ОН (за Сребреница – з.р.), според која Србите би биле прогласени за геноциден народ“, се наведува во соопштението.

Истакнувајќи дека Србија е „самостојна и независна држава којашто самата ги избира своите пријатели“, Вулин истакнал жалење што на Лавров во јуни годинава му беше оневозможена посетата на Белград, оценувајќи дека со таа забрана „прекршени и згазени сите принципи на меѓународното право“.

Вулин се сретнал и со челникот на „РосТех“, државната корпорација за помош во развој, производство и извозот на производи од напредна технологија и со главниот директор на државната агенција за извоз и увоз на производи од одбранбените технологии „Рособоронекспорт“. Вулин се сретнал и со заменикот на рускиот министер за одбрана, Александр Фомин, и истакнал дека „Србија е воено неутрална земја која води самостојна политика“, како и дека соработката на двете држави „во областа на безбедност е на високо ниво“.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го одликувал Александар Вулин со орден за заслуги за унапредување на соработката меѓу Русија и Србија во областа на одбраната, се наведува во соопштението од Белград.