Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека по наредба од претседателот на државата, Александар Вучиќ е зголемена борбената готовност земјата откако беспилотни летала биле забележани над територијата на централна Србија, за кои властите во Белград тврдат дека влегуваат од Косово.
Министерот за одбрана за РТС изјави дека не може да каже чии се дроновите, но тврди дека доаѓаат од територијата на Косово.
Од друга страна, министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, вчера демантираше дека дроновите, за кои се појавија неофицијални извештаи во медиумите во кои се тврди вели дека се забележани над подрачјето на јужна Србија, потекнуваат од територијата на Косово.
Вучевиќ за јавниот сервис РТС изјави дека српскиот претседател Вучиќ ја подигнал борбената готовност на вооружените сили на земјата поради дроновите, а имајќи го предвид искуството од украинскиот фронт, за да не дојде до административни доцнења во синџирот на команда.
Дел од српските медиуми вчера објавија неофицијални информации дека беспилотни летала снимале активности во копнената безбедносна зона и две касарни, односно дека летале над Мердар и околината на Рашка, на границата со Косово и на југот на Србија.
Српскиот министер за одбрана за РТС вели дека во врска со појавата на дронови Вучиќ „издал наредба секој таков објект да биде елиминиран или ставен под наша (српска н.з.) контрола“.
Тој изјави и дека борбените авиони „миг 29“, кои ги активира Србија, не се подигнати поради беспилотните летала, туку дека само патролираат на српското небо.
Вучевиќ, освен тврдењето дека беспилотните летала дошле од територијата на Косово, не соопшти повеќе детали за дроновите ниту за причините за кревање на борбените авиони ниту, пак, каква врска би можеле да имаат со Косово, кое е под мандат на КФОР.
Министерот за одбрана на Србија изјави дека армијата на овие предизвици може да одговори со топови и на други начини.
Според Вучевиќ, сите набљудувани беспилотни летала доаѓале од два правци од Косово, по линијата на копнената безбедносна зона, со „повремени навлегувања на територијата на централна Србија и обиди да се набљудуваат позициите на единиците на српските вооружени сили и одредени објекти“.
Тој додал дека српската армија има информации дека беспилотни летала биле забележани не само во округот на Рашка, туку и во окрузите Топлич и Нишава.
Министерот за одбрана навел и оти се неточни насловите на приштинските медиуми дека армијата се концентрира на административните линии со Косово, но дека станува збор за вежби кои се одржуваат низ Србија под името „Маневри 22“.
„Не можам да кажам дека безбедносни ризици не постојат, пред се поради неодговорното однесување на администрацијата во Приштина, но Србија не сака никакви војни“, вели Вучевиќ.
Косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај вчера во објава на Фејсбук изјави дека тврдењата дека беспилотните летала доаѓаат од Косово се само изговор за зголемување на бројот на војници на српската армија околу границата со Косово и средство за ширење паника меѓу граѓаните.
„Во врска со изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за наводно движење на непознати беспилотни летала од територијата на Косово над областа Рашка, ги известуваме граѓаните дека овие тврдења се целосно лажни, а секој таков дискурс е изговор за зголемување на бројот на војници на српската армија околу границата со Република Косово, како средство за ширење на состојба на паника меѓу граѓаните на двете земји“, вели Мехај.
Инаку, деновиве односите на релација Белград – Приштина повторно се вжештија откако косовските власти од вчера почнаа со спроведување на планот за пререгистрација на возилата на косовските граѓани издадени од Србија со оние што се пропишани со законите на Република Косово. Одлуката предвидува санкции за сите оние што нема да ги заменат српските со косовски регистарски таблички. Косовските служби вчера почнаа со изрекување опомени на возилата со српски регистарски ознаки, конкретно со ознаки КМ (Косовска Митровица).
Во Косово денеска стапува во сила одлуката за замена на српските со косовски регистарски таблички
Од 1 ноември, па во наредните три недели, односно до 21 ноември, на возилата што ќе се затекнат низ косовските патишта со српски таблички ќе им се изрекува опомена, а по овој датум, до 21 јануари идната година, ќе се изрекуваат парични казни. Од 21 јануари до 21 април, пак, ќе им се издаваат пробни таблички.
Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и вчера изјави дека по наредба на претседателот Александар Вучиќ српската армија е ставена во состојба на готовност откако косовските власти почнаа поради ситуацијата на Косово со табличките.