Српските пратеници гласаа за приватизација и дигитализација на медиумите

Пратениците во Собранието во Србија со 182 гласа „за“ го усвоија Законот за јавно информирање и медиуми, со кој се предвидува постапката за приватизација на медиумите да се заврши до 1 јули следната година.

Законот создава услови за слободен развој на независни и професионални медиуми и медиумски систем кој треба да овозможи најшироко задоволување на потребите на граѓаните, без дискриминација, за информирање и содржини од сите области на општествениот живот.

Со законот се предвидува и излегување на државата од медиумите, освен во посебни случаи како и јасно дефиниран јавен интерес во областа на јавното информирање.

Законот ја регулира положбата на уредниците, заштита на правата на новинарите, поттикнување на новинарско здружување, транспарентност во сопственоста на медиумите, воспоставување на Регистер на медиуми и заштита на медиумскиот плурализам низ спречување на недозволено обединување во областа на јавното информирање.