ССК: 10 компании добија признание „Македонски квалитет 2020“

Десет претпријатија кои се македонски економски амбасадори го добија престижното Признание за македонски квалитет, кое традиционално го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на Претседателот на PCM, Стево Пендаровски.

Свечениот настан оваа година се одржа во претседателската резиденција „Вила Водно“, со доделување на националните претпријатија кои придонесуваат кон развојот на македонската економија и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата, но и интернационално.

Добитници се: „Еви Интернационал“, „Терма лифт“, „Ваурон“, „Ми-комерц“, „Процес Ин“, „Раденковиќ консалтинг“, „Зафир Комерц“, „Девомак“, Меѓународен славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ и Горјан Јовановски автор на апликација „Мој воздух“.

–  Убаво е да се видат светли примери и во оваа година која беше исполнета со предизвици, кои се доказ дека никогаш не треба да се откажете од градењето на сопствената успешна приказна. Македонските економски амбасадори, треба да се мотив во 2021 година сите заедно да делуваме да се креира подобро деловно опкружување и да им се помогне во нивната мисија со вредна и посветена работа, да бидат наш прозорец кон светот и гордо да не претставуваат со своите успеси. . На овој начин се промовира и македонскиот идентитет во светот што во овие моментите е особено критично и важно – рече претседателката на ССК Данела Арсовска.

Претседателот Стево Пендаровски рече дека годинава  признанието за македонски квалитет има посебна тежина.

– Вие знаете најдобро, во овие тешки услови колку напори вложивте за компаниите да опстанат, да ги сочувате вработените, да не кратите од нивните плати, а при тоа, да го задржите квалитетот на производите и услугите што ги испорачувате. Затоа признанието за македонски квалитет оваа година има посебна тежина и сите добитници заслужуваат особена почит – рече Пендаровски.

Оваа манифестација се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година, при што секоја година се доделуваат 10 признанија за македонски квалитет.