Еднакви можности во приватниот сектор, следење на европските трендови за зголемување на уделот на жените во економијата, постигнување на повисоки позиции како и намалување на јазот во платите кој е присутен и за иста позиција се само дел од аспектите кои доколку се применат ќе имаат позитивен импакт врз севкупната економија. Врз основа на фактите од искуството на брзорастечките економии – зајакнувањето на економската позиција на жените може да биде клучно во менувањето на економската моќ на земјата.
„Поголемо учество на жените на пазарот на труд, според меѓународните организации значи поголема конкурентност на економијата. Потребна е Стратегија за обезбедување еднакви можности за жените особено на повисоки позиции, бидејќи тие се често во позиција на работна сила на пониско ниво, што значи и пониски примања, дури и за исти професии во одредени случаи жените се помалку платени од мажите, за 12 отсто“, изјави Габриела Кулебанова, член на Управниот одбор на Сојуз на стопански комори на Македонија.
Додаде дека треба да се зголеми пристапот на жените до финансии и да ги отстраниме бариерите што сé уште постојат, следејќи го примерот на брзорастечки економии кои знаат да ги искористат потенцијалните на жените за придонес во општеството.
За еднакви можности во приватниот сектор, стратешки треба да се постави систем, кој ќе биде во функција на поинтензивно вклучување на жените на пазарот на труд, како и на раководни позиции, што значи да се изнајде баланс и меѓу приватниот и професионалниот живот.
„Искуствоото е тоа кое жените може да ги доведе до одредена позиција и постепена реализација на амбициите за водење бизнис. Потребно е да се направи синергија меѓу државата, образовниот систем, за воспоставување пракса и работа на младите од неколку часа, флексибилни работни часови, понатаму добра организација на градинките и сите чинители кои треба да направат позитивно опкружување за жените да можат да се реализираат и на бизнис план“, додаде Кулебанова.
Според податоците на Светска банка, евидентиран е тренд на константно намалување на бројот на жени кои учествуваат на пазарот на труд, во 2013 имало 44 отсто, додека во 2017 година 42 проценти, на високи раководни позиции под 2 проценти. Просекот во ЕУ е 63,5 со тенденција до 2020 година да се зголеми на 75 проценти.