ССК очекува откажување на нарачките од Грција

ССК очекува откажување на нарачките од Грција, фото: МИА

Сигурно ќе има откажување на нарачките поради актуелната ситуација во Грција, меѓутоа ниту Европската унија ниту Грција нема да дозволат да се случи нешто поголемо, оценуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Заменик-претседателот на Комората Сеад Кочан денеска изрази надеж дека ситуацијата во Грција ќе се надмине бидејќи продолжуваат иницијативите од Европската унија, пренесува МИА.

– Ќе има откажување на нарачките затоа што Грција е држава која е во т.н. технички банкрот меѓутоа како што гледаме сепак Европската унија продожува со иницијативите, а Европската централна банка веќе дава пари за грчките банки. И челните луѓе на Европската унија веќе заседаваат и бараат решение така што сигурен сум дека ниту Грција, ниту Европската унија нема да дозволат нешто поголемо да се случи, изјави Кочан, одговарајќи на новинарско прашање пред потпишувањето на меморандумот за соработка со општина Гази Баба.