Заменик претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) Сеад Кочан, во рамки на „Самитот 100 – Бизнис лидери во Југоисточна Европа” во Словенија, учествуваше на панел дискусија на тема: „Инфраструктура и транспорт“.
Тој ја истакна иницијативата за вклучување на градежните компании од Република Македонија во Балканскиот конзорциум на градежни компании од регионот со цел заеднички настап на регионални и трети пазари.
„Вклучување на Република Македонија кон конзорциумот на ексју државите е неопходно и е од големо значење, затоа што секоја компанија одделно не може самостојно да настапува за добивање на одредени проекти за големи зафати во странство. На овој начин градежниците очекувате да се вратат на пазарите во Либија, Ирак, Египет, Алжир и да се справат со актулените предизвици како што се одливот на висококвалификувани кадри, тешкотии во добивање на банкарски гаранции и слично“, изјави Кочан.
Заклучоците од панел дискусијата ќе бидат презентирани на надлежните министрите од сите земји во регионот.
Овој Самит е признаен како еден од најважните собири на влијателни бизнис лидери и политичари од регионот. На „Самитот 100 – Бизнис лидери во Југоисточна Европа“, учестуваа повеќе од 150 бизнис лидери и претприемачи од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Македонија, Косово, Албанија и Словенија.
Заеднички дебатираа на шест различни работилници, посветени на енергија, економија базирана на знаење, храна и пијалоци, дигитална економија, инфраструктура, транспорт и туризам. Целта на годинашниот, четврти по ред самит е воспоставување на инклузивен и одржлив развој на главните градови во регионот во соработка со државните институции, бизнис секторот и Европската унија.