ССМ ја поздрави одлуката на „Левица“ за законот за минимална плата

ССМ денеска ја поздрави одлуката на партијата „Левица“ чии пратеници до Собранието го доставија Предлог законот на ССМ за зголемување на минималната плата.

– Во услови кога ниту најголемиот пораст на минималната плата во 2017 година не го загрозил стопанството – односно фирмите не отпуштале работници, не ги намалувале платите, ниту пак им се намалил профитот- туку напротив ја зголемиле продуктивноста и профитот, очекуваме и уште еднаш ги повикуваме и другите партии и пратеници во Парламентот да го следат примерот и да го сторат истото веднаш и да покажат дека се за работниците и за граѓаните, наведува ССМ во соопштението.

Сојузот на синдикати на Македонија бара итно зголемување на минималната плата на 18.000 денари и спирално зголемување на сите останати плати земајќи ги предвид зголемувањето на животните трошоци, енергетската и топлинската криза. Како аргумент го посочуваат и зголемувањето на минималната синдикална кошничка во декември за 1500 денари во однос на декември 2020 година.

Вчера, Синдикатот излезе и со анализа која покажува дека зголемувањето на минималната плата не влијае негативно на компаниите, Напротив, влијае врз мотивираноста на работниците и на зголемување на продуктивноста на компаниите.

Зголемувањето на минималната плата ќе биде и една од темите на разговор на состанокот што во понеделник раководството на синдикатот ќе го има со владини претставници.