ССМ бара од новата влада минималец од 450 евра уште во првите 100 дена

На денешниот Првомајски протест, Сојузот за синдикати на Македонија (ССМ) од новата влада побараме воведување на 450 евра минимална плата и враќање на трошоците за храна и превоз во платата.

Протестот започна пред зградата на ССМ, од каде продолжи пред Собранието и пред Владата.

„Нашите барања се зголемување на платите на работниците оти видовме дека функционерите не можат да преживеат со 78 отсто поголема плата. Бараме 450 минимална плата уште во првите 100 дена од новата влада, како и враќање на трошоците за храна и за превоз. Ако знаеме дека функционерите со 2.500 евра тешко преживуваат, ние работниците тешко преживуваме со 25.000 и 35.000 денари месечно. Денеска работниците се излезени за да кажат дека не се задоволни со тоа што се случуваше во изминатиот период. Прво политичарите треба да ги задоволат работниците, а потоа самите себе“, кажа Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

На протестот работниците кажаа дека му даваат црвен картон на судот поради тоа што направил обид да изврши притисок врз синдикатите за да ги уништи со одземање на нивниот имот.

„Судот дозволи функционерска чизма на вратот на работниците, за да молчат, да бидат понизни, тоа што го направија денеска го гледаме на дело. Ние, синдикатите, ние работниците, ние граѓаните, пензионерите, сите сме тука денеска за да покажеме дека колку повеќе нè напаѓаат, толку посилни нè прават и колку повеќе пробуваат да ги уништат синдикатите, ние сме сè посилни“, додаде Трендафилов.