ССМ до МТСП: Забраната за работа заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот не е виша сила

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска реагираше на информацијата објавена од страна на Министерството за труд и социјална политика дека додека се во сила мерките за справување со коронавирусот, работодавачите согласно член 112 од Законот за работни односи може да исплаќаат надоместок на плата во висина од 50 проценти во случај на отсуство од работа или 70 проценти во случај на прекин на работниот процес од деловни причини.

Во соопштението испратено до јавноста, ССМ појаснува дека работодавачите од приватниот сектор не можат да го применат само член 112 од Законот за работни односи во услови кога со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството се уредени поповолни права за работниците.

– Укажуваме дека согласно член 12, ст. 3 од Законот за работните односи „Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон“. Од тука, кога со колективен договор се утврдени поповолни права за работниците (ОКД за приватниот сектор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и вработените во приватниот сектор), работодавачите од приватниот сектор не можат да го применуваат член 112, ст.7 од Законот за работните односи во услови кога со член 18, ст.1 и ст.3 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството се уредени поповолни права за работниците, велат од ССМ.

Најавуваат тужби за оние работодавачи кои ќе го применат само член 112 од Законот за работни односи.

Дополнително укажуваме дека за толкувањето на поимот виша сила, одлуки на Владата на Република Северна Македонија, со кои целосно се забрани работата на правните субјекти во одредени дејности, а заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот КОВИД – 19, не претставуваат виша сила како што е наведено во соопштението, истакнуваат од ССМ, реагирајќи на информацијата од МТСП.