Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ, ќе ги достави своите барања до новата влада, како што се зголемување на платите во приватниот и во јавниот сектор, и на минимална плата од најмалку 450 евра и тоа во првите 100 дена. Ќе се бара и исплата на трошоците за храна во висина од 20 отсто од просечната плата и на трошоците за превоз. Бидејќи со ниту две минимални плати не се покрива минималната потрошувачката кошничка, од речиси 1000 евра.
Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, наведува дека со формирањето на новата влада веднаш ќе побараат средби за да се преговара за новото зголемување на минималната плата.
„Очекуваме дека идните раководители на државата со најавениот ребаланс ќе обезбедат пари како што предвидуваа за повисоки службени плати, но и за најавените надоместоци што ќе ги добиваат дел од функционерите за една година“, вели тој.
Во соопштението на ССМ, од 1 мај, се нагласува дека во последните 30 години е нарушен балансот меѓу интересите на Владата, работодавачите и работниците. Затоа, потребна е реакција и од идната Влада и од работодавачите преку социјален дијалог и колективни преговори за утврдување на приоритетите, за градење односи на меѓусебна доверба во однос на меѓународните стандарди на трудот.
Покрај барањата за зголемување на платите, ќе се бара и право на неработна сабота и зголемена контрола на работата на отворено. Исто така, и намалување на работно време на 35 часа неделно, отстранување на 72-часовната работна недела за работа со стратешки проекти, зголемување на породилното отсуство, поголеми родителски права и слично.