ССМ го повика Уставниот суд да ја отфрли иницијативата за „работа во недела”

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го повикува Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија која се однесува на  Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, кој во својата содржина опфаќа „работа во недела” бидејќи, како што велат, е спротивна на Уставот.

Според ССМ, со иницијативата ќе се задре во веќе утврдено право на непрекинат неделен одмор што се состои од најмалку 24 часа, за период од седум дена, на илјадници работници во државата.

– Го повикуваме Уставниот суд веднаш да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора која е спротивна на Уставот, а ги охрабруваме почитуваните судии разгледувањето на иницијативата и нејзиното отфрлање кое е предвидено за во среда, да ја одложат точката и седницата да ја закажат оваа недела и расправата да ја продолжат и неколку денови во денот недела. Да ги повикаат сите работодавачи од Стопанската комора на Северна Македонија кои се многу загрижени да им се дозволи да работат во недела за да почуствуваат како се чувствуваат и нивните колеги работници кои досега работеа во ден недела без ограничување и без за тоа да бидат платени. Но се сомневаме дека газдите ќе дојдат, поради тоа што сите или 90 отсто од нив ќе бидат по монденските одмаралишта на продолжени викенди на грбот и од потта на работниците кои со нивниот труд им го ствараат капиталот, а ние работниците и оваа недела и секоја наредна ќе бидеме во судница на покана на Судот, се наведува во денешното соопштение од ССМ.

-Работниците веќе го чуствуваат бенифитот од ова право, ден на неделен одмор да биде недела, што е во целост согласно горенаведеното и член 32 од Уставот на РСМ, дека секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат, велат од ССМ.

-Законот за работни односи Сл.в. бр.288 од 21.12.2021 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија Сл.в.бр.295 од 27.12.2021 година е во целост во согласност со Уставот на РСМ и позитивното право во државата, исто така тоа се потврдува и со Конвенцијата за неделен одмор С 106 на МОТ и согласно горенаведеното бараме Уставниот Суд на РСМ да ја отфрли иницијативата, бидејќи со истата ќе се задре во веќе утврдено право на непрекинат неделен одмор што се состои од најмалку 24 часа за период од седум дена на илјадници работници во државата, нагласуваат во соопштението од ССМ.