ССНМ: Новинарите без постојани вработувања, со плати пониски од просечните во државата

Речиси 45 проценти од македонските новинари имаат плата пониска од државниот просек кој изнесува 22.808 денари, a 85 отсто добиваат плата помала од вредноста на потрошувачката кошница.
Ова го покажа новата анкета на Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ), спроведена во јули и во август годинава.
Истражувањето на ССНМ дава одговор и на прашањето колку од новинарите сега имаат загарантирано работно место, а колку се ангажирани на определено време или се хонорарци.
– Податоците се загрижувачки, бидејќи повеќе од половината или околу 54 проценти од медиумските работници и новинари не се вработени постојано, односно немаат договори на неопределено време и тоа, 35 проценти се на определено време, а 19 отсто се ангажирани хонорарно, што значи дека секој петти вработен во медиумите може да биде отпуштен во секој момент, наведува ССНМ во соопштението.
Според анализата, работата во порталите за новинарите и медиумските работници е понесигурна и пониско платена.