Според планот на шпанските здравствени власти, тие дневно сакаат да постигнат да вакцинираат по 150.000 луѓе, па за такво нешто ќе им бидат потребни џиновски објекти, а „Камп Ноу“ бил идеален за привремено од фудбалски храм да се претвори во вакцинациски центар.
Стадионите се многу погодни за да се спроведе вакцинацијата, посебно кога станува збор за масовна имунизација, поради големиот број на влезови и полесната организација на населението за да дојде на вакцинација, а притоа да се придржуваат до сите мерки за дистанца.
За стадионот на Барселона да стане вакцинациски центар ќе треба сепак согласност од првиот човек на клубот, а изборите се закажани за 7 март. Шпанија е седма на светот по број на заразени од коронавирус со скоро три милиони од вкупно 47 милиони кои живеат во земјата.
Според најавите ако вакцинацијата успешно мине во текот на следниот месец и почетокот на април, можно е експресно да се отворат и стадионите, нешто што здравствените власти и првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас го најавија како опција за финишот од сезоната.