Стафилокока во бомбици е причина за труењето во училштето „Ѓорѓија Пулевски“

Причината за труење во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром е поради присуство на стафилококус ауреус и ентеротоксин во бомбици кои им биле послужени на учениците.

Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска информираше дека по добиените резултати, таа била информирана од страна на микробиолозите, дека од мострите храна, од испитуваниот примерок – бомбици, најдено е стафилококус ауреус и ентеротоксин позитивен, од сите брисови што се земени од површините и од садовите, само на еден сад било најдено зголемен број аеробни меозфилни бактерии што укажува на нехигиенски услови.

-На 27 септември, ИЈЗ доби телефонска дојава од страна на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), за постоење сомнеж за труење во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром. Екипи од ИЈЗ, составени од тим од епидемиолог од Одделот за епидемиологија, лаборант од Одделот за микробиологија, веднаш излегоа на терен и беа земени мостри, четири брисови од работни површини и садови, како и мостри од оброците подготвени и послужени во кујната. Исто така, беа земени примероци од четири вработени во кујната од раце, нос и грло. ИЈЗ работеше и сабота и недела за да можеме да бидеме брзи и да дадеме релевантни резултати – нагласи Андоновска.

Таа додаде дека брисовите од раце на сите вработени ги задоволуваат хигиенските стандарди, а брисовите од грло и нос на вработените се негативни.

По добиените резултати, ИЈЗ ги препрати веднаш овие резултати, согласно законските позитивни процедури, до Министерството за здравство (МЗ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).