![berza volstrit](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/09/berza-volstrit.jpg?resize=696%2C391&ssl=1)
На Волстрит берзанските индекси не забележаа значителни промени откако американската централна банка, како што се очекуваше, ги зголеми трошоците за задолжувањетто за уште една четвртина процентен поен, на највисоко ниво од глобалната финансиска криза или во последните 22 години, но индексот Dow Jones ја постигна најдолгата позитивна серија од 1987 година.
Њујоршкиот индекс Dow Jones порасна во средата за 89,63 поени или 0,25 отсто, на 35.527 поени. Така, порасна 13-ти трговски ден по ред во средата, постигнувајќи го најдолгиот период на раст од 1987 година. Доколку порасне и во четврток, тоа ќе биде најдолгиот период на неговиот континуиран раст од далечната 1897 година, кога порасна 14 трговски дена по ред. Во последните 13 дена од растот, Dow Jones се зголеми за 5 проценти.
Во средата, индексот S&P 500 стагнираше на 4.567 поени, додека индексот Nasdaq ослабе за 0,12 отсто, на 14.128 поени.
Во средата, американската централна банка Federal Reservе (Fed) ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на опсег од 5,25-5,5 отсто, зголемувајќи ја 11 пати на изминатите 12 состаноци. Претседателот на Fed, Џером Пауел на прес-конференцијата по седницата изјави дека натамошните одлуки за каматните стапки ќе се носат од состанок до состанок, внимателно следејќи ги макроекономските показатели, но исто така истакна дека е малку веројатно каматните стапки да се намалат до крајот на година.
После тоа, од „Goldman Sachs“ испратија белешка до клиентите во која наведуваат дека соопштението од Fed не е сигнал за забавување на темпото на зголемување на каматните стапки во иднина, како и дека банката очекува дека Fed нема да ги зголеми во септември.
„Пораката на Пауел беше јасна, Банката на федерални резерви ќе почека и ќе ги следи економските показатели пред да донесе какви било одлуки. Мислам дека Fed нема да запре додека не види намалување на инфлацијата на платите“, вели Брент Шут од „Northwestern Mutual Wealth Management“.
И откако најголемите технолошки имиња ги објавија своите резултати во вториот квартал, реакциите на пазарот беа различни. Цената на акцијата на „Microsoft“ падна откако компанијата објави агресивен инвестициски план за да ја задоволи побарувачката за своите услуги базирани на вештачка интелигенција.
Акциите на „Alphabet“, во меѓувреме, пораснаа откако матичната компанија на Google ги надмина очекувањата на аналитичарите со заработка и стабилна побарувачка за услуги за компјутери во облак и враќање на приходите од реклами.
На европските берзи, при претпазливо тргување, лондонскиот Ftse индекс заврши во средата со загуба од 0,19 отсто, на 7.676 поени, додека франкфуртски DAX падна за 0,49 отсто, на 16.131 поен, а париски CAC за 1,35 отсто, на 7.315. поени.