Стампедо на погребот на генералот Сулејмани, 35 лица загинати

Иранската државна телевизија објави дека на погребот на генералот Касем Сулејмани, кој е убиен во напад од дрон по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, дошло до големо стампедо.

Како што јавува АП, повикувајќи се на иранската национална телевизија, во стампедото загинале 35 лица, а 48 се повредени.

Вчера во Техеран е одржана првата комеморација за генералот, а денеска се одржува втора комеморација во неговото родно место Керман.

Касем Сулејмани беше убиен во петокот во Багдад, заедно со уште други четворица Иранци и еден ирачки милициски водач, во напад со дрон изведен од страна на САД. Генералот, личност со големо политичко влијание на Блискиот Исток, се наоѓаше на чело на бригадите Ал-Кудс, одговорни за странски мисии во рамките на иранската Револуционерна гарда. Пред неговиот ковчег денеска се собра целото иранско раководство. Иранскиот духовен водач Али Хамнеи изрече молитва за убиениот генерал, а неговата ќерка изјави дека маченичката смрт на нејзиниот татко ќе го „вивне отпорот и ќе предизвика Америка и Израел да се стресат од страв“.  И други говорници пред насобраната маса народ го величаа генералот како херој, барајќи одмазда за неговото загинување.