Станојевска Пецуровска: Најголем дел од природните непогоди во Македонија се пожари и поплави, затоа е потребна стратегија за адаптација кон климатските промени

Најголем дел од евидентираните природни непогоди, околу 80 проценти се пожарите и поплавите се вели во анализата на  Центарот за климатски промени, која се однесува на појавата на природни непогоди во Македонија во периодот 2005 – 2022 година, анализирани по општини и региони.

 

„Анализата по општини покажува дека нај ранливи и најизложени на пожари се општините Кочани, Кавадарци, Кратово, Неготино и Велес. Во однос на оплавите, најзагрозени се Чешиново Облешево, Кочани и Демир Хисар. Во случајот на Кочани, индикативно е што добар дел од поплавите се предизвикани од излевање на атмосферски води, па неопходно е подобрување на релевантната инфраструктура. Според плански региони, најголема изложеност на екстремни временски настани е регистрирана во Вардарскиот регион, по што следуваат Источниот и Североисточниот регион“, вели претседателката од Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска Пецуровска.

Според анализата по години, најголем број на настани се евидентирани во 2011 и 2012 година (30% од вкупниот број настани во целокупниот анализиран период). Во однос на евидентираната штета, мора да се истакне дека постојат податоци за само мал дел од настаните (20%), но сепак таа е висока и изнесува над 82 милиони евра. Животот го загубиле повеќе од 30 лица, но притоа мора да се истакне неусогласеноста кај различните извори на податоци во однос на овој параметар.

„За жал, често дел од општините кои се најзасегнати односно најизложени на природни непогоди, не се организирани во делот на справување со ризиците, особено во делот на подготвеност на соодветни стратешки документи и планови, но и во делот на кадровска и техничка екипираност. Слабостите во организацијата на расположивите човечки капацитети, несоодветната приоретизација на овие проблеми како и неодговорното буџетирање, често ќе биде и во иднина причина за неисполнување на обврските на општините за справување со овие ризици и последици“, вели Станојевска Пецуровска.

Затоа, нагласуваат тие, дека е потребна поголема свест и одговорност кај донесувачите на одлуки на локално ниво, за важноста од регулирање на оваа сфера и зајакнување на капацитетите за превенција и справување со овој вид ризици. Во оваа насока добро е да се воспостави пракса на размена на искуства во склоп на плански региони и/или помеѓу општини, во тесна соработка со Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Неопходно е да се работи повеќе на утврдување на соодветни механизми кои ќе се засноваат на системи за рано предупредување со цел да се спреча посериозни последици. Одговорните институции и донесувачите на одлуки да започнат да ги приоретизираат овие проблеми на локално ниво, да одвојуваат поголеми средства за превенција, но и соодветно и навремено да планираат мерки со цел да овозможат соодветен одговор кон идните природни непогоди и климатски екстреми. Исто така неопходно е да започнеме да ги класифицираме високите, ниските температури на воздухот, и сушата како природни непогоди, со цел понатамошна анализа и реализација на соодветни мерки за справување со ризиците од овие природни непогоди. Истовремено, неопходно е информациите за предвидувањата за природни непогоди и евидентираните настани да бидат полесно достапни до граѓаните и сите заинтересирани страни како би можело да се постигне поголема заштита на граѓаните и отпорност кон природните непогоди, апелираат од Центарот за климатски промени.

Анализата на екстремни временски настани е реализирана во рамките на проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“, финансиран преку проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија. Изразените ставови и мислења се на авторите и издавачот и нужно не ги одразуваат позициите и ставовите на Еко-свест и на донаторот – Владата на Шведска.