Голема неизвесност и борба до последниот судиски свиреж се очекува и на денешните реванш 1/8 финални натпревари од најмасовното клупско натпреварување, Лигата на Европа.
Во центарот на фудбалското внимание ќе биде дуелот помеѓу големите ривали од италијанската Серија А, Фиорентина и Јувентус, а гостинот од Торино има обврска да постигне најмалку еден погодок на тешкото гостување.
“Искрено, јас не чуствувам никаков притисок или обврска дека мора да славиме и во ова натпреварување. На сите ни е јасно дека местото на Јувентус е во Лигата на шампиони, а не во Лигата на Европа. Уште не’ боли таа елиминација, не’ боли поразот од Галатасарај. Сепак, ние ќе го испочитуваме и ова натпреварување, ќе дадеме се од себе и во Фиренца. Јас не гледам некој фудбалер кој ќе биде најголема опасност кон нашиот гол, за мене целиот тим на Фиорентина е опасност”, изјави предводникот на “старата дама”, Антонио Конте.
Обврска да забележат триумф со два или повеќе гола разлика имаат фудбалерите на Наполи кои за противник го имаат актуелниот шампион на Португалија, тимот на Порто.
Првиот натпревар заврши со минимален триумф на Порто од 1:0, а реванш дуелот на “Сан Паоло”, од клупата за резервни фудбалери ќе го стартува поранешниот репрезентативец на Македонија, Горан Пандев.
Денеска на програмата: Анжи – АЗ Алкмар (0:1 прв натпревар), Бенфика – Тотенхем (3:1), Фиорентина – Јувентус (1:1), Валенсија – Лудогорец (3:0), Виторија П. – Лион (1:4), Бетис – Севилја (2:0), Наполи – Порто (0:1), Салцбург – Базел (0:0).