
Осумдесетгодишна старица е полесно повредена во пожар што денеска претпладнето изби во куќа на улица „Митко Цветаноски“ број 21 во Прилеп, пренесува МИА, повикуваќи се на соопштение од прилепската противпожарна единица.
Жената е префрлена во прилепската болница и според раководителот на Итната медицинска помош Гоце Јонзоски е во добра состојба.

Пожарот во кој полесно е повредена осумдесетгодишна старица е пријавен во 10.14 часот, а избувнал во просторија во приземјето на еднокатната куќа.
Од прилепската противпожарна единица велат дека интервенирале со две возила и четворица пожарникари.
Пожарот бил локализиран пред 12 часот и не е дозволено да се префрли на соседните куќи залепени до опожарената.
Старицата и сопственичка на куќата, Видосава Николоска живеела сама. Се повредила кога се обидувала да ги изгасне пламените јазици. Засега не е познато како настанал пожарот.