Пензионерите и постарите лица кои живеат во Општина Босилово денеска добија Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење. Центарот е во населеното место Турново и ќе може секојдневно да го посетуваат до 24 корисници, каде преку различен вид активности, кои ќе се спроведуваат под надзор на стручни лица, добиваат можност за квалитетен, активен живот и социјализација.
Со новиот Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење во Турново ќе управува општинската организација на Црвениот крст во Струмица, кој од Министерството за труд и социјална политика ја доби соодветната дозвола за вршење дејност од областа на социјалната заштита.
Според градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев,една од улогите на општините во овој процес е да ги препознаат потребите и барањата на жителите во нивните заедници.
„Горд сум што Босилово е една од општините чии проекти за развој на нови социјални услуги беа избрани како најдобри и чија реализација е овозможена од страна на Министерството за труд и социјална политика. Тоа покажува дека сме направиле добра проценка на потребите на нашите сограѓани и добро сме ги идентификувале оние што заслужуваат посебно внимание и поддршка. Постарите граѓани од нашата општина секако спаѓаат во таа група и затоа денеска сум особено задоволен што заедно со ресорното министерството и давателот на услугата-Црвен крст Струмица започнуваме со исполнување на оваа наша заложба“, оцени градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев.
Инаку, во рамки на Компонентата 1 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега е обезбедена соодветна поддршка за реализација на 34 поединечни проекти за воведување социјални услуги во 41 општина ширум земјата.
Покрај отворање дневни центри за активно стареење, со овие проекти дадена е и конкретна поддршка за развој на друг вид нови социјални услуги, како што се дневни центри за престој на лица и деца со попреченост, центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, како и развој на услугите лична асистенција, помош и нега во домот и други.
За давање на овие социјални услуги досега се обучени и лиценцирани над 300 лица, а истите се достапни за повеќе од 1200 корисници.