Стармер: Договорот меѓу Велика Британија и Руанда е „мртов“

Новиот британски премиер Кир Стармер изјави дека контроверзната мерка за депортација на мигранти и баратели на азил воведен од претходната влада на конзервативците е „мртва и закопана“.

Конзервативците на поранешниот премиер Риши Сунак објавија план вреден повеќе милиони фунти за испраќање мигранти и баратели на азил во Руанда. Сунак и неговите министри најавија дека првите депортации во таа африканска земја ќе започнат во јули.

Новиот лабуристички премиер рече дека „не е подготвен да ги продолжи овие трикови“ и потврди дека мерката се укинува. Лабуристите уште пред изборите ветија дека ќе се откажат од планот „на првиот ден“ по преземањето на власта.

На првата прес-конференција по влегувањето во Даунинг стрит, Стармер рече дека „планот за Руанда е мртов и закопан пред да започне“.

„Погледнете ги бројките на оние кои дојдоа во првите шест месеци од годинава, тие се рекордни, тоа е проблем што го наследивме“, рече Стармер и рече дека мерката со Руанда не може да биде решение за тоа прашање.

Стармер најави дека ќе го намали бројот на пристигнувања во Велика Британиј со ангажирање специјални истражители и капацитети за борба против тероризмот за да ги запрат криминалните банди кои стојат зад приливот на мигранти на островот. Како точно ќе функционира ова и колку ќе чини да се откаже од планот со Руанда, останува да се види.

Претседателот на африканската земја, Пол Кагаме, претходно оваа година навести дека британските даночни обврзници ќе мора да платат за пропаѓањето на договорот. Јоланде Маколо, портпаролка на неговата влада, подоцна рече дека Руанда „нема обврска“ да ги врати средствата, но дека доколку Лондон го побара тоа „ќе го разгледаат“, но само мал дел од вкупната сума.