Стармер и Макрон разговараат за помошта за Украина по победата на Трамп

Британскиот премиер Кир Стармер во понеделникот ќе разговара за помошта за Украина со францускиот претседател Емануел Макрон, имајќи предвид дека победата на Доналд Трамп на изборите во САД може да доведе до намалување на американската помош за Киев.

Неколку дена по реизборот на Доналд Трамп на функцијата американски претседател, Стармер патува за Франција, како прв британски премиер по Втората светска војна, кој присуствува на комеморацијата на 11-ти ноември, денот кога е потпишано примирјето со коешто во 1918 година е завршена Првата светска војна.

Стармер и Макрон ќе разговараат за руската инвазија во Украина и хуманитарната ситуација во Газа, според кабинетото на британскиот премиер. Британската и француската влада сметаат дека е од клучно значење да продолжи воената помош за Украина во нејзината борба против Русија. Од друга страна, новоизбраниот американски претседател вети дека ќе стави крај на војната во Украина, но не прецизираше како мисли да го постигне тоа.

Европа е најголемиот давател на воена помош за Украина, со вкупна вредност од 118 милијарди евра од почетокот на војната во февруари 2022 година, додека американската помош е вредна 85 милијарди евра, покажуваат податоците на Институтот за светска економија во Кил, во Германија.

Некои европски политичари во претходните денови изјавија дека Европа не може да ја замени финансиската и воената помош на САД, вклучително и ресурсите како што се борбените авиони „F-16“ и воените ракетни системи ATACMS.

Велика Британија и Европската унија следната година треба да започнат преговори за аранжманите за безбедносна, одбранбена и енергетска соработка по брегзитот.

За време на официјалната посета на Франција, Стармер ќе се сретне и со новиот француски премиер Мишел Барние, што ќе биде нивна прва средба откако Барние стана премиер во септември оваа година.