Стармер му кажал на Нетанјаху дека мировниот процес мора да доведе до палестинска држава

Британскиот премиер Кир Стармер му рекол на својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху во вторникот дека мировниот процес по прекинот на огнот во Појасот Газа „мора да доведе“ до создавање палестинска држава, соопшти кабинетот на Стармер.

Стармер рекол дека „Обединетото Кралство е подготвено да направи сѐ што е во неговата моќ за да го поддржи политичкиот процес што мора да доведе до одржлива и суверена палестинска држава“, се вели во соопштението на телефонскиот разговор меѓу двајцата челници.

Стармер и Нетанјаху, исто така, „се согласија дека мора да работат на трајно и мирно решение кое ќе ја гарантира безбедноста и стабилноста на Израел“.

Стармер „лично се заблагодари на израелската влада за нејзините напори да обезбеди ослободување на заложниците, вклучително и британската заложничка Емили Дамари“.

Дваесет иосумгодишната Дамари беше ослободена на првиот ден од прекинот на огнот во неделата, заедно со 31-годишната Дорон Штајнбрехер и 24-годишната Роми Гонен.

Според договорот за прекин на огнот, Хамас мора да ослободи 33 заложници во првата фаза, а Израел мора да ослободи околу 1.900 палестински затвореници. Израелската армија мора да се повлече од дел од палестинската енклава.

Неизвесно е продолжувањето на процесот. Условите на втората фаза, која предвидува траен прекин на војната и ослободување на сите заложници, мора да се договорат подоцна.